Author(s): Mirjana P. Mirčevska / Language(s): Macedonian
Issue: 20/2020
Реферaтот претставува лично сеќавање за Југословенската народна армија (ЈНА), за одредени појави, настани и за личната перцепција во однос на нив во периодот на југословенската држава. На денешната светска политичка сцена државата СФР Југославија одамна ја нема – повеќе од 25 години. Но, без оглед на тоа, и по толку години не престанува да се разговара, да се дебатира и да се размислува за специфичниот начин на практикувањето на социјализмот, кој не беше сличен со ниту еден друг од тој период. Југословенскиот социјализам, анализиран од денешна временска и историска дистанца, предизвикува спротивставени мислења и различни погледи и толкувања. Спротивставувањата одат дотаму што за едните југословенскиот социјализам бил создаден за да се минимизира каква и да е индивидуалност континуирано форсирајќи го заедништвото на различни нивоа, а за другите токму тоа заедништво, каде што се стимулирала еднаквоста и т.н. праведност во општеството манифестирана преку грижата за секого (обезбедувањето работа, решавањето на станбеното прашање, здравственото осигурување, бројните поволности како бесплатно образование, детски додаток, бесплатни годишни одмори за работниците), ги претставува основните придобивки на југословенскиот социјализам. Барем до осумдесеттите години на ХХ век. Во таквите услови ЈНА играше голема улога. Една од примарните. Максималното форсирање на идеолошката компонента на комунизмот за многумина претставуваше императив. Всушност, целокупниот југословенски социјализам беше дел од една идеологија што беше насочена кон комунистичкото општество. Во такви услови, доколку имаме предвид дека поимот идеологија пред сè се однесува на т.н. тоталитарни режими како затворени системи на мислења што имаат сопствени гледишта и објаснувања за сè, истовремено немајќи никакво разбирање за можни други мислења, носителите на идеологијата настојуваат по секоја цена да го наметнат своето гледиште како единствено можно и исправно. Денес, доколку идеологиите ги разбереме како симболички системи, тие претставуваат засебен вид на културни творби што нудат објаснувања за конкретни, јасно дефинирани вредносни интерпретации за различните појави и процеси во светот.
More...